СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

EV

Зошто електрифицираните возила се поскапи?

 

Шефовите на големите групации предупредуваат дека високите цени на електрифицираните возила веќе се недостапни за голем број купувачи.

Автомобилите со класични мотори се потешко излегуваат на крај со еколошките стандарди.

Новите, Еуро 7 норми закажани за 2025 год. како наострен меч висат над конструкторите.

Поради високата емисија на азотни оксиди (NOx) дизелите се спаднати на околу 20% од вкупната продажба. Не е тешко да се претпостави дека дизелските денови се избројани.

Од друга страна ги имаме бензинците кои мака мачат со емисијата на јаглен диоксид (CO2), a високите емисии на озлогласениот гас значат и зголемен просек на штетните емисии на целиот бренд.

Тоа воопшто не ги радува активистите за заштита на природата кои бараа (и добија) санкционирање на загадувачите. Од друга страна даночниците тријат раце – повисока емисија на гасови, повисоки давачки!

Спасот, барем за сега, се наоѓа во електрификација на моделите. Гледано од најевтиниот кон поскапите на сцена се Mild, самополнечки и Plug-in хибридни ситеми. Разликата се прави во капацитетот на вградениот сет батерии.

Поголем капацитет автоматски значи и поголем радиус на движење само на струја, а тоа пак значи драматично намалување на емисијата на штетни гасови. Поготово во урабите средини, кои се и најкритични.

Се до оваа точка електрификацијата делува многу убедливо, но расположението го расипува фактот што овие системи чинат пари.

Главен виновник за тоа е цената на батериите. По една декада континуиран пад на цената – од преку 950 долари, таа во 2021 година (спрема BloombergNEF) се спушти на 132 долари за kWh – годинава се очекува таа да остане на минатогодишното ниво.

Некои анализи дури укажуваат на можноста за благ раст на цените, но за попрецизни податоци секако ќе треба да го сочекаме крајот на годината.

Зошто е целава експликација за батериите.

Едноставно тие ја диктираат цената на електрификација, а во крајна линија и висината на данокот за конкретниот модел кој се одредува според емисијата на издувни гасови.

Техничкото решение на ова барање е релативно едноставно – со електрификација. Прашањето кое ги мачи челниците на компаниите гласи: кој ќе може да ја плати таа цена?

Освен батериите, електрификацијата значи и употреба на погонски електромотори (самополнечки хибриди), потоа на систем мотор-генератор (Mild хибридите) кој најчесто работи на 48 волти, како и приклучоци/конектори, конвертери, стабилизатори и погонски електромотори кај Plug-in хибридите.

Неопходни компоненти кај сите системи се и генераторите на електрична енергија кои ги преработуваат инерцијалните сили, и секако, контролна електроника која треба да менаџира со механичките и електричните ресурси.

Не помалку деликатна е и подготовката на бензиските мотори за електрификација.

Ете сето тоа кога ќе се собере на едно место и згора на тоа кога ќе се додадат прилично големите трошоците за развој, се добива сума која во најдобар случај е за дваесетина проценти повисока отколку неелектрифицираниот модел кој носи идентичен бензиски мотор.

Токму ова акумулирање на трошоците им задава големи главоболки на раководните луѓе на компаниите. Природата се заштитува, но купувачи на нови возила има се помалку. Едноставно, автомобилите стануваат ценовно недостапни.

Можеби преминот кон целосна електрификација (законскиот рок е 2035 год.) ќе реши дел од овие проблеми, но за да се случи демократизација на електричните возила цената на батериите би требало да падне на околу 80 долари по kWh.

Во тој случај ќе можеме да говориме за ценовно поволни возила кои ќе бидат достапни за поширок круг купувачи. Сé до тогаш ќе треба да се помириме со неизбежниот факт – автомобилите ќе поскапуваат.

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од EV