СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Во светот

Два литра, три цилиндри, 600 коњи! [видео, 01:51]

 

“Tiny Friendly Giant” новиот мотор на шведскиот Koenigsegg, претставува збир на технолошки иновации кои ја обезбедуваат бензиската иднина на автомобилите.

Gemera е ново име во понудата на Koenigsegg. Бројките за неа велат 1.600 хибридни коњи и максимална брзина преку 400 км/ч. Ништо необично кога доаѓа од шведскиот спортски производител. Можат они и подобро од ова. Но полека, без брзи заклучоци, молам.

Почекајте да видите што и како може скроз-на-скроз новиот бензинец од два литра кој е задолжен за движење на предната оска, ама и за полнење на сетот батерии чија енергија им е неопходна на двата електромотори.

Основното прашање при претставување на нов бензинец гласи: што тоа ново има да се понуди во време кога се е измислено, па згора на тоа и изложеноста на силен еколошки притисок. Од спротивната страна, подготвени за нивна брза замена, во строј чекаат моќните електромотори.

Како што и приличи на врвен технологист, Koenigsegg испорачува конкретен одговор. Tiny Friendly Giant (TFG) е развиен во сестринската компанија Freevalve. Ова последново силно асоцира на отсуството на брегаста оска, а заедно со неа и на целата придружна механизација за нејзино функционирање.

Наместо тоа поставени се пнеуматски вентили (техника која силно мириса на F1) кои работат под диктат на контролна електроника, односно секој од нив делува комплетно независно.

Со тоа се постигнува компактност и лесна конструкција, па оттука и именувањето на моторот.

Во принцип трицилиндерските мотори се доста популарни, но ниту еден од нив кој сериски ќе го најдете некаде, нема работен волумен од цели 2,0 литри. Тоа подразбира голем пречник и од на цилиндрите. Во случајов говориме за (95 x 93,5)mm.

Да ја соопштам уште и бројката од максималните 8.500 вртежи, за да така предизвикам целосна конфузија кај познавачите.

Па тој мотор ќе се распадне веќе на 5.000 вртежи, со право ќе гласи нивниот заклучок. На тие вртежи инерцијалните сили, при достигнување на горната и долната мртва точка, едноставно се преголеми за да продолжат да работат во едно парче.

 

Тој момент добро го знаат производителите на супер спортисти, па затоа ротирачките компоненти Koenigsegg ги изработува од посебно изработени лесни легури.

Решавањето на тој предизвик овозможува постигнување на максимална силина од 600 коњи и вртежен момент од 600 Nm во широк диапазон помеѓу 3.000 и 7.000 вртежи. Во овие импресивни бројки прсти имаат вмешано и двата секвенцијални турбо полначи. Без нивна помош TFG испорачува 280 КС што е своевиден рекорд кај бензинците кои се вградуваат во сериските автомобили.

Се навраќаме на пнеуматски управуваните вентили чиј менаџмент одушевува. Од двата издувни вентили едниот е поврзан со помалиот турбо полнач и работи до 3.000 врт. за да потоа работата во свои раце ја презеде поголемиот турбо полнач кој дава голем буст на силината.

Од спортивната страна стојат двата всисни вентили чија работа зависи од моменталната оптеретеност на моторот. При помали побарување во функција е само едниот, за да при полна гас на располагање се стават и двата. Притоа секој од нив независно си води своја политика.

Техничката перверзијата оди до можноста за промена на циклусот на работа, од Otto во Miller оперирање. И тоа не е сé. До 3.000 вртежи TFG може да работи како двотактен мотор за да потоа автоматски се префрли на четворотакен начин на работа. Од Koenigsegg велат дека над таа бројка нема физичка можност за размена на гасовите. Којзнае, можеби и тоа еден ден ќе го решат.

Tiny Friendly Giant покажува флексибилен карактер и кога е во прашање горивото. Може да согорува алкохол-етанол, бутанол, метанол, бензин или пак нивна комбинација. Најдобри перформанси се постигнуваат кога резервоарот е полн со алкохол-етанол!

Со тоа не завршуваат спецификите на спортистот Gemera, во кој средишно ќе се вградува TFG моторот. Предната оска ќе се движи со помош на директ-драјв погонот (без менувач) додека на задните тркала ќе биде вграден по еден електромотор со по 500 КС.

Добро, доволно беше со техникалии, а колку чини производната сена на TFG? Чини помалку отколку twin-turbo, V8 моторот на Koenigsegg од 5,0 литри.

И да повторам честа да биде прв носител на TFG припаѓа на новиот модел Gemera. За него во некој друга прилика!

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот