СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Дали од пандемијата можеме да излеземе со подобрен сообраќај

 

Во време кога светот сеуште се нема изборено со пандемијата при што сообраќајот е речиси замрен, природата доживува препород.

Зборувам за Скопје, но истото важи за сите поголеми наши, но и Европски градови. Поради мерките со кои треба да се совлада пандемијата, сообраќајот е драматично проретчен.

Констатацијата важи за урбаните центри, приказна за себе се останатите патишта, но и таму ефектите се идентични.

Присилно наметнатите мерки како да ја пробудија природата. Сведоци сме на почист воздух, прочистени реки, процветана природа. Низ цела Европа.

Ако се сконцетрираме само на сообраќајот (да не го занемариме загадувањето од индустријата) сигналот е јасен. Употребата на моторизираните возила ќе треба да се редуцира.

Алтернативите одамна се подготвени и понудени; индивидуалниот еколошки превоз мора да добие апсолутен приоритет. Во наши услови тоа би значело давање приоритет на велосипедите.

Повеќето Европски градови (и досега предничеа со патна инфраструктура) помеѓу кои Милано, Торино, Берлин, Париз, Мадрид, Виена, … веќе ги прецртаа коловозните ленти. На сметка на автомобилите тие се ослободуваат за велосипеди. Да, во оваа категорија се вклучени разно-разни варијации на тема, движење со сопствена сила или комбинации каде што за погон помагаат и електромотори.

Оваа мерка се наметнува како применлива и кај нас. Во најголем број случаи градските сообраќајници (Скопје) се со по три коловозни ленти, или барем најмалку со две.

Кој би имал против едната да биде резервирана за бициклистите. Знаеме дека во инфраструктура по која се движат само велосипеди од ден на ден се збогатува. Но, очигледно тоа не е доволно!

Одличен пример за организација на сообраќајот може да биде Швајцарија. Таму крајната лева лента е наменета за движење на велосипедете. На останатите една или две ленти се движат моторните возила.

Намерата е јасна, да се стимулира возењето на индивидуални, пред се еколошки, превозни средства на сметка на моторизираните. Бенефитот е повеќе од очигледен: сите ќе дишеме почист воздух, … и побрзо ќе се движиме!

При ваква ситуација ќе настрадаат возачите на автомобили. Нивната реакција е прилично предвидлива: и онака неподносливиот метеж, сега ќе се доведе до непроодност.

Да, има вистина во тоа. Но, нели само при силна дерегулација можеме да дојдеме до квалитативно нова ситуација. Идејата е учесниците во сообраќајот да ги променат навиките – секој кој има можност да почне да користи велосипед (без или со помош на електрика).

Логиката е едноставна: ако можат тоа да го прават земјите кои ја измислија моторизацијата, би требало да можеме и ние. Повторувам, „велосипедизацијата“ првенствено би се одвивала во поголемите урбани центри.

Освен подобреното здравје предизвикано од зголемената физичка активност, сите би профитирале од почистиот воздух, а страничните ефекти како што е значително ослободување на паркинг просторите, се добиваат како пригоден бонус.

Не помалку важен е и економскиот фактор, имено, со воздржување од користењето на автомобили во значителна мера ќе се растерети и семејниот буџет. За купување добар велсоипед не треба да се издвојат големи суми, а згора на тоа и властите го субвенционираат купувањето.

Да заклучам, се што треба да направат надлежните се сведува на прекројување на коловозните ленти, останатото зависи од нашите навики. И нашата совест, пред се!

 

 

текст: Агрон Сулејман

користени фотографии од fb-страната, НаТочак – NaTochak

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг