СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Анализи

Автомобилски моментум: Кинезите започнаа со операцијата „Европа“

 

Кинеските производители прецизно го одредија тајмингот – време е за напад на европскиот пазар.

Првите обиди за пробив на Стариот континент беа направени пред петнаесетина години со моделите BS4 и BS6 на производителот Brilliance. Тие неславно завршија.

Германските експерти ги треснаа од ѕид (Euro NCAP тестови) и возилата беа разнесени.

Целиот контингент веднаш беше повлечен, но лекцијата (на најтешкиот можен начин) беше научена.

Во меѓувреме интензивно се работеше на развој. Најпрвин на модели со бензиски мотори, а потоа на целосно електрични возила. Фазата на дизелски и хибридните мотори беше прескокната.

Како да беа свесни за крајот на моторите на нафта кој веќе се случи. Од друга страна, за премостување на преминот кон целосно електрични возила, акумулираа огромни ресурси за производство на (претежно) плагин хибриди.

Заедничките вложувања со буквално сите релавантни светски компании им ги отворија најсовремените технолошки порти.

Според кинеските закони странските компании може да поседуваат најмногу 50% од акциите, а кинеската држава останатите 50% и плус уште една „златна акција“.

Во потрага по нови технологии не штедеа средства. Купија или станаа акционери во етаблираните европски корпорации кои хронично се соочува со недостаток на ликвидни средства.

Не е тајна дека сега се сопственици на Британските брендови (Rover, Lotus, MG, Aston Martin), потоа на Volvo, и со значаен удел во PSA кој е сега дел од Stellantis групата.

Дизајнерското заостанување го решија едноставно – ги школуваа своите кадри, и паралелно, ги купија најавангардните светски студија.

Исто така многу важен момент, на кој далекуисточните стратези посебно внимаваат, е обезбедувањето на материјална база за производство на потребните компоненти.

Посебно на батерии и контролна електроника кои се дефицитарни кај останатиот дел од индустријата.

Темелниот пристап резултира со рекордно годишно производство (над 25 милиони автомобили) кое е поголемо од збирот на Американските и Европските “кармејкери“. И тоа на современи, квалитетни и еколошки прифатливи автомобили.

Старото економско правило: ако те нема во Европа, тогаш не си битен играч, многу добро го знаат кинезите. Сега е вистински тајминг за грижливо планираниот настап. Ураганот кој ќе се следи започнува без големи бранувања.

Пробата е направена пред две години во Норвешка (не е членка на ЕУ) каде што беа пласирани новите модели на луксузниот електричен бренд, Nio.

Одличниот прием ги окуражи за настап во ЕУ. Пред некој ден голема промоција на истиот бренд беше одржана во Берлин. Од друга страна Lynk & Co (електричен подбренд на Volvo) уште пред пандемијата започна со ширење на продажната мрежа низ Холандија.

Ова се само неколку примери, кинезите имаат подготвено за секој пазар по цела серија модели. Во непрегледниот моделски репертоар ќе се пронајдат адекватни модели и за државите кои не се членки на ЕУ.

Наспроти стартап компаниите од континентот стојат десетина пати поголем број „косооки“ конкуренти. Приказните за надминатиот дизајн или пак за лошиот квалитет, припаѓаат на некои минати времиња.

Кинеските возила се стилски дизајнирани, технолошки напредни и квалитетни.

Сега они ги диктираат трендовите. Што побргу ја сфатиме реалноста, толку побрзо ќе навикнеме на автомобилите со натпис „Made in China“.

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Анализи