СЛЕДЕТЕ НЀ

Во светот

Турција разви сопствен елeктричен SUV

Електричниот SUV е прво возило развиено од новата турска компанија, TOGG. Со еден или пак два електромотора и автономија до 500 километри, TOGG цели кон меѓународен успех.

Турција има развиена автомобилска индустрија. Во погоните ширум земјата се произведуваат разни модели од светските марки. Но, сонот за автомобил кој ќе биде развиен и произведен од сопствени капацитети, е дамнешен.

Се чини дека сонот е веќе реализиран. Лично претседателот Реџеп Таип Ердоган присуствуваше на промоцијата на електричниот прототип говорејќи за историски ден за Турција.

Новата компанија TOGG (Türkiye’nin Otomobili Girişim Grubu), основана од пет индустриски гиганти, во новиот проект веќе има вложено над 3.3 милијарди евра, а во иднина планира да конструира цела палета на електрични модели.

 

Домашен производ

За дизајнот на електричниот SUV од „Ц“ сегментот, TOGG кој на пазарот се очекува во 2022 година, е задолжено студиото на Pininfarina но свој удел има дадено и дизајнерот Мурат Гунак кој долго време дизајнираше за Mercedes-Benz.

За сега моделот сеуште нема службено име, но секако набргу ќе го добие. Во оваа фаза очигледна е желбата за промоција на новиот бренд.

Кога во близина на Бурса ќе бидат изградени производните погони, планирано е производство на 175 илјади единици. Од таа количина Турската држава се обврзува до 2035 да откупува по 30 илјади примероци во секоја календарска година.

Бурса и околината не случајно се избрани за локација на новиот производител затоа што таму подолго време функционираат погони на Renault, а и голем број на производители на компоненти за прво вградување се сместени токму во таа провинција.

Технологија

За погон на одлично спакуваниот SUV е предвиден еден електромотор од 200 КС кој ќе биде вграден на задната оска.

Опциски ќе се нуди и погон на сите тркала кој ќе биде постигнат со вградување на уште еден идентичен мотор на предната оска.

Вкупната силина од 400 КС делува ветувачки, првичните податоци говорат за забрзување од само 4.8 секунди.

Идните корисници ќе можат да бират помеѓу два пакети на батерии кои овозможуваат автономија од 300 односно цели 500 километри.

Кога се говори за сетот батерии засега е само познато дека и тоа ќе биде од домашно производство, што бездруго е поскапа варијанта, но нели, станува збор за производ кој е во целост дело на домашната индустрија.

Уште еден детал говори за посветеноста на конструкторите и желбата уште од самиот почеток да понудат светски конкурентен модел.

Тоа секако е организацијата на внатрешноста и сетот екрани на кои се добиваат ситe потребни информации а воедно служат и за командување со примарните и секундарните функции.

Темелите на новите производтствени погони веќе се поставени па почетокот на производство закажано за 2022 година, сигурно ќе биде запазен.

Во меѓувреме ќе очекуваме подетални информации околу техничките специфики, текот на изградба на фабриката како и евентуалните варијации на тема, електричен SUV од „Ц“ сегментот.

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот