Млада девојка беше прегазена на пешачки премин поминувајќи на зелено светло. Почина на самото место.

Длабоко сочуство за семејството и пријателите на Фросина.
Трогателна е оваа приказна. Млада девојка полна со живот, страда во сообраќајна незгода.
Убиецот е исто така млад човек, вози без возачка дозвола, пребрзо, не почитува ништо и никого,…
Ужас!
Сите говорат за сообраќајна незгода во која има загинато млада девојка. Не, нема да сложам дека се работи за само уште една од многубројните незгоди, во случајов говориме за убиство.
За безбедноста на нашиот сообраќај нека послужат црните бројки кои говорат за околу 130 жртви кои годишно гинат на патишта.
Трагедијава на „партизанска“ е нешто сосема друго. Ова наликува на еклатантен пример на тероризам.
Да, тероризам. Разликата е само во типот на употребеното оружје – наместо автомобил, како средство за извршување на убиството можело да биде искористено и некое оружје со кое терористот неконтролирано би пукал движејќи се низ плоштад.
Воопшто не е важен типот на оружје, може да биде огнено, ладно,… или автомобил. Крвавиот пир има извесен крај – страдаат недолжни граѓани.
Јас не гладам никаква разлика. И во едниот и во другиот случај од едната страна имаме случајни минувачи, а од другата вооружен манијак.
Можеме сега да ламентираме околу сообраќајот, условите, возилата,… Свесни сме дека уште од напуштање на домашниот праг се изложуваме на разно разни опасности кои ги носи нашиот крајно хаотичен сообраќај, но и покрај трагичниот исход, да направиме разлика што е сообраќајна незгода а што чисто убиство.
Трагедии со жртви има насекаде во светов, но секаде тие имаат своја јасна дефиниција. Нашата Фросина ја уби терорист, никако, возач.
Сега редно е да се запрашаме, зошто нашето општество изродило млад човек со така девијантно однесување. Одговорот е малку посложен отколку што можеби се очекува.
Без да навлегувам во социо-психолошки објаснувања, вината лесно може да се пронајде во вулгарната партизација на општеството. Од сите досегашни политичкии гарнитури.
Благодарение на партиите и сконцетрираната моќ во нив, одредени граѓани се чувствуваат семоќни и недопорливи. За нив нема закон, нема одговорност, нема казнивост. Тие се над законот.
Како по правило мезимчињата (и нивните родители) секогаш имаат некој партиски моќник кој ќе им „среди“ сé што треба. Институциите се наши, секаде ќе ставиме партиски послушници, и сé може да се среди. Па нели добивме на избори?!
Ужасни зборови кои се изговараат по месните штабови и кои на крајот резултираат со одземање животи на недолжни граѓани.
Доказ? Веднаш по трагедијата се направи обид за „средување“ кој само по заслуга на брзата граѓанската реакција беше спречен. Досегашната пракса на прикривање на виновниците, барем засега не успеа.
Потоа дискусиите ќе се насочат кон слабостите во сообраќајот, ќе бидат понудени мал малион решенија од видот „само ова, само она“ и ќе завршат со мудрување на „упатените“, но никако со конкретни акции. Се разбира, никој нема да говори за терористички акт, каков што всушнуст беше трагедијата на „Партизанска“.
Претходните неколку случаи во кои беа вклучени обезбедувањата на политичарите и нивна блиска родбина – трагедиите беа „успешно забошотени“ – силно опоменуваат.
>> P.S. Безбедноста во сообраќајот ни е најниска во Европа, на ниво на неразвиените Aфрички држави.
текст: Агрон Сулејман
фото: Независен весник / еМагазин