СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Совети

Започна учебната година – внимателно покрај училиштата

 

Само една недела од започнувањето на новата учебна година беше доволна да паднат првите жртви во сообраќајот. Причината секогаш една и иста: човечко невнимание!

Дефинитивно апелите наменети за возачите и нивно внимателно однесување не даваат резултат. Тоа го знаеме веќе одамна, но и покрај високата цена што ја плаќаме се чини дека тоа не е доволно за промена на нашите опасни навики.

Како поинаку да го објасниме фактот што од година во година, со повторното враќање на учениците во школските клупи, ни се повторуваат драматични сообраќајни состојби во кои на децата им се загрозува здравјето, а често и животот.

Како да се влијае на свеста на возачите барем кога се во близина на училиштата да ја намалат брзината и да обрнат внимание на однесувањето на децата.

А сé што треба да се направи зависи исклучиво од возачките навики. И сé е толку очигледно – со почетокот на школската година имаме зголемен интензитет на сообраќајот. Притоа имаме и мали дечиња за кои одењето во училиште значи прво соочување со нашиот крајно опасен сообраќај.

Сето ова потсетување на состојбите би било бесмислено кога не би се повторувало од година во година. Кобната стварност ни се повторува со секој почеток на нова школска година.

Прашањето што треба да си го поставиме е логично: како да ги избегнеме трагичните сообраќајки кои постојано не потсетуваат на колективното отсуство на свесно и совесно однесување зад воланот?

Како и секогаш, одговорот е едноставен: со постојано присуство на полиција во близина на училиштата. Додатно: организирање на школски, родителски и доброволни патроли кои би помагале во превенцијата.

Колку и да изгледа ова решение неприменливо или грубо, длабоко сум уверен дека само тоа може да даде моментални ефекти. Комбинацијата на службена и цивилна контрола пропратена со неселективни казнени мерки за прекршителите е интервентно решение кое би морало да функционира.

Освен што ова решение е веднаш применливо (со вонредни напори на сообраќајната полиција) и најефикасно во даденава ситуација, тоа истовремено е и најефтино.

Само да се присетиме колку време и пари чини изградба на потребна инфрастуктура (поставување на лежечки полицајци, сигнализација, барикади, …) потоа едукација и воспитување на сите учесници во сообраќајот, за на крајот тој процес го заокружиме, повторно нели, со контрола и казнена политика.

Во ситуација кога секој ден ни е важен во сочувување на здравјето и животот на најранливите сообраќајни категории, присуството на полицијата и цивилните асистенти се наметнува како најефикасно превентивно решение.

Во спротивно, изградбата на некој иден одржлив систем за побезбеден сообраќај, можеме да го дочекаме со трауми кои навремено сме можеле да ги превенираме.

 

 

 

 

 

 

 

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Совети