Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија.
Состојбите воопшто не се ветувачки. Производството на автомобили во Германија и Франција оди по надолна линија.
Европските автомобили стануваат прескапи, а интересот на купувачите се помал.
Од друга страна, кинезите чекаат на „готовс“: нивните автомобили се технолошки супериорни, а ценовно далеку поприфатливи. Американците (Tesla) будно ја пратат состојбата постојано вршејќи притисок врз двете страни.
Грубо кажано: моментумот всушност е дијагнозата со која се соочува автоиндустријата на Стариот Континент.
>> Причини
Идејата да се прејде на новите, чисти технологии дојде од американците и кинезите. Дали мораше со овој ритам и тајминг да се прифати, е тема со која ќе се бават аналитичарите по десетина/дваесет години.
Од сегашен аспект, вон памет беше прифаќањето на електрификацијата во така краток временски рок. Едноставно немаше логика да се напушти натпреварот во кој цел век Европа убедливо водеше.
И потоа со еден непромислен потег (воведување нулта емисија на штетни гасови до 2035 год.) да се влезе во игра на која владеат некои други правила. И други играчи.
Пред околу година дена напишавме дека регулаторите (ЕУ институциите) си даваат решавачки автоголови. Никој на сила не ги тераше да носат стратегии за „Зелени Агенди“ според кои бензинците и дизелите треба да се закопаат до 2035 година.
И потоа нив да ги заменат со возила кои воопшто не емитуваат CO2, ниту пак азотни оксиди (NOx). Пеналот вешто го искористија кинеските компании кои со електрификација интензивно се бават веќе петнаесетина години. А тоа време не им е залудно потрошено.
За да биде бељата поголема тука се уште и далекуситочните технолошки гиганти од калибарот на Јапонија и Јужна Кореја кои во иста мера ги почитуваат новите технологии.
>> Состојби
Да погледнеме кој од европските производители може да им конкурира на големците од истокот. Volkswagen е во сопствени проблеми. Се чини аферата „dieselgate“ како сеуште да не е надмината.
Скапата фактура се плаќа во вид на болни затворања на фабрики. Технолошката дезориентација додатно создава трошоци.
Mercedes-Benz и BMW се соочуваат со намалени профити, и постепно губење на позициите на кинескиот – светски најголем – пазар.
Замислете, освен споменатите, една Германија нема други независни производители на автомобили.
Што со французите? Renault е во алијанса со Nissan–Mitsubishi и силно зависен од заедничките интереси. Производтството во Европа се соочува со слични проблеми како и германското: високи производни трошоци, намалена побарувачка, неконкурентност.
За PSA групацијата важи правилото: општо зло, не е зло! Како дел од гигантот Stellantis (група од 14 бренда) излезот го бараат во зеднички проекти и во соработка со кинески партнери.
Италијанаските производители се со двете нозе во истата Stellantis групација така да за некаква автономна национална стратегија воопшто не може да се говори.
>> Планови
За пресврт во индустријата потребни се ресурси. Финансиски, човечки, материјални.
Кинеската конкуренција е интегрирана по вертикала, што значи дека во производниот процес вклучуваат од суровини, преку нивна преработка, се до работна сила и производни погони, и пред се, знаење и експертиза.
Во моментот тој луксуз европјаните не можат да си го дозволат. Во основа и сé нема стратегија за конкурентност. Администрација во Брисел воведе значајни давачки за кинеските елекрични возила, само за да се земе здив.
Бриселската бирократија се оттргна од пазарните механизми и посегна по политички одлуки – германците беа категорично против воведување на високи тарифи, но напорите не доведоа да откажување на мерките.
На краток рок, административците ќе успеат во намерите, но контрамерките се веќе донесени: кинезите градат погони во Европа, а на тие производи нема да има царини.
А тогаш ќе боли, никој нема да сака да купи поскап и понеквалитетен европски автомобил од технолошки понапреден а воедно и далеку поевтин кинез.
>> Очекувања
Иако се појавуваат колебања за одложување на веќе усвоените законски обврски, со голема веројатност тие нема да се случат. Одложувањата за купување нов автомобил не оди никому во прилог. Соочувањето со реалноста е болно, а како што стојат работите, за автомобилско преструктуирање се нема капацитети.
Дали ќе успее еден Volkswagen да преживее? Тоа сите го посакуваме и се надеваме на поволен исход. Тој процес ќе биде многу болен и ќе остави траги, а веројатно силно ќе удри и по гордоста на германската индустрија.
Но економијата познава профити а не емотивни категории.
Ќе се осудиме да прогнозираме дека оздравувањето на тешко болниот пациент ќе се одвива со помош на кинеските современи лекови!
текст: Агрон Сулејман
фото: BYD media.
Интересно
-
Актуелен Миг
/ пред 2 неделиДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 1 месецЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 1 месецZeekr Mix: врвниот семеен ван, во Кина ќе чини неполни 36.000 евра
Брендот Zeekr на Geely има полни раце работа со проширување на својата гама....
Од Autoinfo.mk