По какви патиштата возиме?! (фото галерија)

По какви патиштата возиме?! (фото галерија)

 

Современото одвивање на сообраќајот подразбира исполнување на низа предуслови. Синџирот: возач-возило-патишта, не трпи импровизации. Непочитувањето на овие базични предуслови, значи директно загрозување на безбедното одвивање на сообраќајот. Во сегментот наречен, патна инфраструктура, Македонија се соочува со сериозни предизвици.

 

Настрана заложбите за изградба на нови автопати, да погледнеме низ какви патишта се одвива сообраќајот низ државата. Во каква состојба ни се патиштата и патната инраструктура, и како нивниот квалитет се одразува врз безбедноста на сообраќајот.

Да тргнеме од фактот, дека за изградба и одржување на патната мрежа се задолжени државните институции. Кај нас приватни патишта сеуште нема, ниту пак некоја патна делница е издадена под концесија. Тој факт, како одговорен за состојбата на нашите патишта, директно не упатува на адресата на извршната власт.

1

Прошетката да ја започнеме од градските собраќајници кои во секојдневието и најчесто ги користиме, односно на улиците низ населените места. Ако за состојбата на овие патишта како пример го земеме Скопје, нашиот најголем урбан центар, ризикуваме да бидеме критикувани за локалистички пристап и за земање на неадекватен пример. И покрај тоа, како добра илустрација нека ни послужи квалитетот на џадињата по кои возат скопјани, сите добро знаеме дека никаде низ државата состојбата не е ништо подобра. Напротив!

 

 

Низ градовите

Во Скопје квалитетни се само ново изградените сообраќајници, а такви се само главните артерии во градот, и тоа не баш сите, нели! Штом излезете од нив, улиците од асфалтни преминуваат во улици со “мешан материјален состав“. До градските населби водат улици кои се сé само не квалитетни. Ударни дупки, пресечен асфалт, надолжни брановити форми, премин преку железнички шини,… и што уште не. Кога ќе стигнете до некоја од населбите, е тука почнува вистинското “оф роуд“ доживување.

Во најголем дел од нив асфалтот датира од периодот после земјотресот, кога асфалтот бил донација од некои хумани луѓе. Во меѓувреме тој е деградиран до тој степен да веќе првобитната подлога одамна ја нема. Крпеница врз крпеница. За да биде бељата уште поголема тука се и попречните раскопувања, за кои сме си самите виновни.

2

Граѓаните и фирмите си градат и доградуваат а остро пресечениот асфалт останува да ги сече гумите. Попатно истурениот бетон врз асфалтот, останува да сведочи за неимарските потфати на нашето вредно (и несовесно) граѓанство. Па нели имаме уредби кои говорат за враќање на коловозот во првобитната состојба? Да секако, но тие креативно се интерпретираат а резултатот, во вид на растресени возила, го гледаме секаде околу нас.

На ваквата состојба највеќе би требало да се радуваат трговците со пневматици, исто како и механичарите кои ќе мора сериозно да се позанимаваат со скапите оштетувања на делови од потприрањето на нашите возила. Притоа, влошената безбедност е заедничка а штетите и поправките, индивидуални.

Нови автопатишта

Делниците кои поврзуваат две населени места (пример од село до друго село, или пак, од град до некое блиско село) воопшто и не треба да се дискутираат. Тие делници едноставно не ги исполнуваат ниту минималните критериуми за да ги наречеме – асфалтен пат. Како потврда може да послужи било која патна делница, односно безмалку, сите. За пример не мора да се оди далеку.

Можеби во најдобра состојба се регионалните патишта, односно тие што ги поврзуваат нашите градови. Секако, не станува збор за современи и безбедни делници, но барем возачите не мора да слаломираат помеѓу ударни дупки, набран асфалт или испакнати шахти.

Сега доаѓаме до нашите “коридори“. Имаме дилеми дали да ги опишеме како тажни примери или пак како безбедносно жални. Пример: влезете во државава од север и продолжете кон југ. На почетокот ве очекува неколку километри нов автопат за потоа убаво да се протресете и излизгате на стариот асфалт на некогашната Ју-гордост, автопатот “Братство и Единство“. Наводниците подобро ќе прилегаа на зборот – автопат,… затоа што ова парче на избразден асфалт, најмалку е тоа.

3

Е сега замислете за таа делница, се до наплатната кај Петровец, мора и да се плати. За што? – ни звучи како многу логично прашање. Пробајте (ама сигурно до сега и сами сте се увериле) да поминете за време на врнежи, или после нив. Да ве потсетиме, брзината таму е ограничена на максимално дозволените 120 км/ч!!! Искомбинирајте ја сега таа ситуација со млад и неискусен возач зад управувачот, и … морници ќе ве пролазат. За една таква реална ситуација (заврнува и таму, нели?!) државата треба кривично да биде обвинета за “предизвикување на општа опасност“.

Ова е само еден пример доволен за илустрација на фактичката состојба, инаку такви високо-ризични делници, има насекаде. Највеќе на регионалните патишта, а законодавецот смета дека со поставување на знакот “црна точка“, си ја завршил работата односно си ги испрал рацете. И толку, кој знае – внимава, останатите – со господ на помош.

4

Гледано од оваа призма, колку километри автопатишта ќе изградиме во иднина, воопшто и не е важно. Патиштата еднаш се градат а треба долг период да се користат,… и редовно да се одржуваат, се разбира. Овие што ги имаме се во очајна, и што е пострашно, многу опасна состојба. Знаеме, сега можат еден куп “јавни патишта“ во хор да демантираат и да ни приложат уште поголем куп од идиотски образложенија. Ама тоа нема воопшто да  ја смени вистината за жалната состојба во која се наоѓа нашата патна мрежа.

Ќе ги смениме приоритетите или и понатаму ќе гинеме

Меѓутоа, патиштата ни се такви, односно опасно небезбедни. А сите ние како граѓани плаќаме придонеси токму за јавни патишта (преку регистрација на возилата, патарини, осигурување, бензин во кој има дел за патишта,…) а за возврат само бараме патиштата по кои се движиме да исполнуваат минимум безбедносни критериуми. Ништо повеќе, само со крв (материјалните штети ич не ги есапиме) да не плаќаме за погрешно одредени приоритети при трошењето на нашите наменски одземени пари.

 

1 Коментар

  1. Petar27/05/2014, 10:34 Остави коментар

    REZILLL BE ALOO REZIL SME SHO E OVA NAPRAJTEGI KAKO VO STRANSTVO !!!!!!!!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
AutoInfo на Facebook
Ви се допаѓа AutoInfo?