Lamborghini Urus: Најбрзиот SUV на светот

Lamborghini Urus: Најбрзиот SUV на светот

 

Со 650 КС и максимална брзина од 305 км/ч Urus се позиционира на самиот врв на спортско-луксузната класа на SUV возила. Идното лето се очекува испорака на првите примероци.

Lamborghini вложи огромни напори (и пари) во развој на Urus, наследникот на првиот теренец LM 002. Пред две години отакако првиот прототип на им беше препуштен на тестните екипи, со него низ разни временски и патни услови се прејдени над еден милион километри.

Резултатот од неколкугодишните напори сериски ќе биде понуден од идното лето, и тоа по единечна цена (во Германија) од 240.000 евра. За таа пристојна сума се добива Lamborghini со сите нишани.

Тоа пред се подразбира перформанси: максималани 305 км/ч и забрзување од 3.6 секунди. Кога ќе се погледнат бројките станува јасно дека ниту еден конкурент не го може тоа. Како за споредба, Bentley Bentayga постигнува 301, Porsche Cayenne Turbo 286 а Range Rover SVR 280 км/ч.

За да не остане се само на голи бројки, механичките компоненти ќе знаат да ги разубедат и најголемите скептици. Големиот вртежен момент од цели 850 Nm, преку централен, Торсен диференцијал, се пренесува на двете оски. За да бидат сигурни во целосно пренесување на силината, инженерите вградуваат уште по еден диференцијал на двете оски.

Менувачката кутија со осум преносни односи се грижа V8 моторот, со работен волумен од 3.996 ccm, да се врти во оптимален режим при различни патни услови.

За секој случај двата турбо компресори подготвено чекаат на командата од педалот за гас. Добро, ова со турбо полначите и баш не оди заедно со италијанската конструкторска школа, но намалувањето на цилиндрите неминовно води кон нивна употреба.

Мултиталентот на Urus посебно се истакнува со избор на еден од понудените 4 програми за асфалтни патишта при што на располагање се става и мод за тркачка патека.

Во случај на вонасфалтна употреба како и при снежни услови, на располагање, но само со доплата, стојат два посебно програмирани модови. Како шлаг на механичката посветеност можеме да го споменеме вртењето за 3 степени на задната оска. При мали брзини задните тркала се вртат во спротивен правец од предните додека при поголеми брзини во иста насока со предните.

Во првиот случај ефектот се чувствува како виртуелно намалување на меѓуоскиното растојание за 60 мм додека во вториот како зголемување за истиот тој износ.

Инаку за импозантната појава на Urus, со должина од цели 511 cm, меѓуоскиното растојание учествува со точно 3 метри.

Околу безбедносните уреди не би се објаснувале премногу, еве можеби само како илустрација да кажеме дека за тоа се грижат точно 100 разни електронски склопови.

И покрај силните бројки и уште поизразениот спортски карактер, сепак Urus може да се вози како обичен SUV при што во раскошно дизајнираната внатрешност ќе може да уживаат четири патници.

За пријатен амбиент свој придонес даваат употребените материјали – ништо помалку од алкантара, дрвени облоги, алуминиум и кевлар не би биле доволни за калибарот на Urus. Да не заборавиме, сеуште говориме за Lamborghini кој во својата ергела нема модел во кој може да се сместат повеќе од еден пар среќници.

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
AutoInfo на Facebook
Ви се допаѓа AutoInfo?