Совети за возење во есенски услови

Совети за возење во есенски услови

 

Летото одамна заврши. А, сега е можеби време да се започне со размислување за разните сезонски опасности на патиштата кои можеби сме ги заборавиле за време на летните месеци и раната есен.

Со се повеќе влажни денови, намалено траење на дневната светлина и куп други фактори кои влијаат на возењето, не е лошо малку да посветите внимание на подготовка на возилото, но и ваша, доколку планирате безбедно да учествувате во сообраќајот.

Исчистете ги дренажните канали – пластичниот дел на дното од ветробранското стакло, под предната хауба. Овие канали може да се наполнат со вода кога нивниот одвод ќе се блокира од паднатите лисја.

Оваа насобрана вода може да прелее и да пробие во некој од електронските делови на возилото, предизвикувајќи скапа и потенцијално опасна штета.

Доколку налетате на куп влажни лисја на патот опасноста е иста како да сте налетале на баричка – внимавајте и намалете ја брзина пред да поминете преку нив.

Имајте на ум дека влажните лисја немаат добар контакт со пневматиците и има опасност од создавање на ефект на хидропланирање (аквапланинг). Избегнувајте нагло додавање на гас или нагло кочење бидејќи многу лесно може да го излизгате возилото.

Воедно бидете дополнително претпазливи во овие ситуации – не знаете дали под купчето паднати лисја се крие дупка, спуштена шахта или друга опасност на патот.

Во услови на ладникаво време, задолжително исчистете го ветробранското стакло од кондензацијата која се јавува или доколку е поладно од ињето, пред да започнете со возење.

Секогаш одвојте малку време за тоа, не брзајте, бидејќи навистина е важно да обезбедите оптимална видливост пред да се вклучите во сообраќајот.

Маглата е уште една непријатност при возењето која есента ја носи со себе. Таа не само што ја намалува видливоста, туку исто така ги пригушува звуците и ја менува перцепцијата за оддалеченост на работите околу нас.

Доколку сте приморани да возите низ густа магла возете полека и внимателно, вклучете ги светлата за магла (доколку ги имате), и никако немојте да возите со долги светла, бидејќи само дополнително ќе ја влошите видливоста.

Проверете дали вашите бришачи се во задоволителна состојба. Доколку „цивкаат“ при нивнато работење, најверојатно е потребно да се заменат.

Дополнително, секогаш проверете дали бришачите се исклучени пред да го стартувате возилото за да ги заштитите вашите бришачи како и моторчето за бришачите.

Есента исто така може да „го земе данокот“ и на акумулаторите – одржувајте го горниот дел од акумулаторот сув и чист, и погрижете се терминалите да се прицврстени и да не кородираат. Доколку вашиот акумулатор е постар од три години, проверете го. Ќе си заштедите нерви некое студено понеделничко утро.

Децата се повторно на училиште. Внимавајте на нив и возете полека и претпазливо во училишните зони и секако не ги заборавајте велосипедистите и пешаците. И за крај, доколку есента знае да биде тмурна, тоа не значи дека ние не треба да бидеме насмеани.

 

пишува: Кузман Дамчевски

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
AutoInfo на Facebook
Ви се допаѓа AutoInfo?