СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Дали ни е потребна Државна стратегија за развој на сообраќајот

 

Ако сакаме да избегнеме тотален колапс на сообраќајот нам ни е неопходна Државна стратегија за развој на сообраќајот во која, со целата своја комплексност, ќе бидат опфатени сите релевантни чинители.

Ме прашува еден пријател, дали кај нас можат да се возат автомобили на електрична енергија. Да, велам, знам корисници кои возат Tesla, Mitsubishi i-MiEV, e-Golf, … а тоа секако се возила кои се движат само на електрична енергија.

Одлично, … но полека! Дали е тоа регулирано со посебен закон, или можеби постојат некои субвенции при увозот, или пак некои други бенефиции поради стимулирање на возила со нулто загадување на воздухот.

Поразителен е одговорот дека нешто такво не постои. Всушност во земја каде што за преживување во сообраќајот ви требаат блиски врски со севишниот, ништо друго и не би требало да се очекува.

Ако ситуацијава ја погледнеме од перспектива на … Ма, од која перспектива и да ја погледнеме очигледен е заклучокот дека навистина со соочуваме со проблеми кои не се решаваат со никакви парцијални решенија, уште помалку се некакви си набрзина стокмени акции.

Акциско делување не смее да биде замена за системски решенија 

Недостатокот од систем кој би бил изграден како плод од сеопфатна национална стратегија, е видлив на секој чекор. Самата констатација дека ситуацијата ни е поблиска до хаос отколку налик на некој функционален систем претставува реална појдовна точка.

Значи, потребна ни е стратегија за развој на сообраќајот со која ќе бидат опфатени сите чинители . А тоа значи вклучување на сите државни институции и ангажирање на цел спектар од стручни лица, а со една цел: страотниот сообраќаен хаос да биде системски решен.

Парцијалните решенија од типот „само ова да се среди, или само она да се направи“ – никаде во светот, а особено кај нас – не даваат резултат.

По согледување на реалната состојба би било умесно да се позанимаваме со трите главни фактори во сообраќајот: учесниците, возилата и инфраструктурата. Законите кои треба да ги регулираат релациите помеѓу главните чинители, ги имаме, односно тие би ги издвоиле како посебна тема.

Безбедноста е скапа – небезбедниот сообраќај уште поскап

Ако за интервенции врз составот на возниот парк и на изградба на потребната инфраструктура се потребни време и многу (прилично многу) пари, тогаш на однесувањето на учесниците во сообраќајот може релативно ефикасно да се влијае.

Зачестените контроли и присутноста на сообраќајната полиција кои ги гледаме во последно време, заедно со неселективноста при казнените постапки, претставуваат инстантен лек за подобрување на драматичната небезбедност на нашиот сообраќај.

Сето тоа под услов, ова однесување на сообраќајците да не биде само моментална акција туку перманентен дел од нашиот сообраќаен безбедносен систем.

За возниот парк и инфраструктурата како и законската регулатива која треба во чекор да го прати динамичниот развој на автомобилските технологии, би требало да се направат стручни студии кои потоа би се преточиле во пракса.

Безбедноста во сообраќајот е ѓаволски скапа работа. Небезбедниот сообраќај, пак, носи човечки трагедии и ненадоместливи загуби. Верувам дека нема поединец помеѓу нас кој не посакува уреден, безбеден и цивилизиран сообраќај.  Време е конечно да му ставиме крај на нашето погубно однесување.

Ако најодговорните луѓе во државата конечно се одлучат да иницираат изготвување на „Национална стратегија“ за развој на сообраќајот во државата, ќе бидат исправени пред еден неверојатно комплексен предизвик. Во мометот, можеби вистинското прашање би гласело: а на што се чека?

 

Автор: Агрон Сулејман

 

 

 

 

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг